Хотелот со пет ѕвезди кој за шест години треба да никне на атрактивната локација кај Горица, донесе нова надеж за охридскиот туризам. Упатените во туристичката дејност велат дека новиот луксузен хотелски капацитет, кој според најавите ќе се изгради во облик на езерски бран, ќе ја освежи туристичката понуда, но за да се пробие на пазарот, треба да донесе нови и луксузни содржини, кои досега не беа достапни на охридското крајбрежје. Локацијата на која ќе се гради хотелот е многу атрактивна и не дозволува импровизација. Тоа што таму ќе се изгради треба да биде навистина луксузно и да личи на хотелите од светските брендови. Само така ќе може да предизвика поголем интерес кај туристите - вели Олег Маленко, од охридската туристичка агенција „Вис пој“.
Хотелот со пет ѕвезди кој за шест години треба да никне на атрактивната локација кај Горица, донесе нова надеж за охридскиот туризам.
Упатените во туристичката дејност велат дека новиот луксузен хотелски капацитет, кој според најавите ќе се изгради во облик на езерски бран, ќе ја освежи туристичката понуда, но за да се пробие на пазарот, треба да донесе нови и луксузни содржини, кои досега не беа достапни на охридското крајбрежје.
- Локацијата на која ќе се гради хотелот е многу атрактивна и не дозволува импровизација. Тоа што таму ќе се изгради треба да биде навистина луксузно и да личи на хотелите од светските брендови. Само така ќе може да предизвика поголем интерес кај туристите - вели Олег Маленко, од охридската туристичка агенција „Вис пој“.
Тој објаснува дека Охрид важи за еден од најпознатите конгресни центри во регионот, па ваквиот хотел ќе придонесе и за поголем развој на овој вид туризам.
Странските туристички работници сметаат дека поради тоа што Охрид се стреми кон елитен туризам, крајно време е да развие свој елитен хотелски бренд.
- Во Охрид има многу хотели од разни категории и со разни понуди, но мислам дека му фали ексклузивен сместувачки капацитет, кој ќе биде негов препознатлив белег. Значи, тука е потребен хотел кој ќе биде уникатен во регионот. Се надевам дека инвеститорите кои ќе градат хотел кај Горица го имаат ова предвид - вели Александрија Ристиќ, туристички работник од Србија.
Земјиштето кај Горица, каде што ќе се гради хотелот, го купи скопската фирма „Каса градба“ за 23.817 евра, на јавното наддавање што во минатата недела се одржа во Министерството за транспорт и врски. Според условите во договорот, оваа фирма покрај парите за купопродажбата треба да достави и банкарска гаранција од 200.000 евра, со што ќе гарантира дека објектот ќе биде изграден во предвидениот рок од 6 години.
Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, е задоволен што оваа локација се продаде.
- Посебно ме радува тоа што ќе гради македонска фирма, затоа што јас најмногу верувам во македонските инвеститори, кои, според мене, треба да имаат предност во ваквите проекти - вели Петрески.
Според него, изградбата на овој хотел, ќе придонесе за збогатување на туристичката понуда на Охрид и ќе биде од голема полза за охриѓани.
Пред три години, интерес за купување на ова земјиште покажа хотелскиот бренд „Хилтон“, но без сериозна одлука за инвестиција, која, според тогашните најави, требаше да донесе околу 25 милиони евра. Интерес за инвестирање постоеше и кај австриската фирма „Соравија“, но и тие се откажаа од намерата за изградба на луксузен хотел на охридското крајбрежје. Поради слабиот интерес кај хотелските брендови, државата одлучи земјиштето во Горица, кое се протега на површина од околу 15.000 квадратни метри да го продаде на јавно наддавање со почетна цена од 1,5 евро за квадратен метар.